Нашироко е познато дека Република Македонија поседува извонредни природни убавини. Нашето природно наследство мора да се заштити, а Министерството за животна средина и просторно планирање има обврска да го стори тоа.
Природните убавини и природното наследство, секоја година привлекуваат посетители од целиот свет. Тие не се ограничени само на трите национални паркови Пелистер, Маврово и Галичица. Тука се и езерата, реките, мочуриштата, шумите и ливадите близу нашите градови, како и парковите во урбаните средини.
Во соработка со инфо центрите на Националните паркови Пелистер, Маврово и Галичица можат да се организираат еднодневни излети, работилници и настава во природа, каде што децата низ едукативна работилница, интеркативна содржина со помош на стручни лица во центарот за посетители можат да научат за заштитените подрачја и проактивно да се вклучат во заштитата на животната средина.
Министерството за животна средина и просторно планирање сака учество и дијалог. Само оние активности што се разбрани и нашироко прифатени ќе покажат добри резултати. Модерните политики за животна средина имаат потреба од силно партнерство меѓу сите засегнати страни.