Во 1958 година заради особените природни убавини, пејзажните и естетски вредности, шумските предели на планината Галичица се прогласи за национален парк. НП Галичица зафаќа површина од 24.151,4хектари.
НП Галичица се карактризира со значајни природни вредности, познат е по својата убавина, богатство и разновидност на растителниот и животинскиот свет.
Биолошката разновидност на Галичица е претставена со 37 растителни заедници (20 шумски и 17 тревести), групата на безрбетни животни е претставена со 2857 видови, додека рбетните животни се претставени со видови од класата на рибите, водоземците, влекачите, птиците и цицачите.
НП Галичица за посетителите е место кое продолжува да воодушевува, давајќи можности за уживање и рекреативни активности кои се со респект спрема локалните заедници, духовните и културните вредности“. Богатството од природни и културни вредности, но и местоположбата на планината Галичица помеѓу Охридското и Преспанското Езеро, придонесуваат за привлечноста на Паркот за посетителите. Впрочем, како дел од поширокиот охридско-преспански регион.Одредени делови на подрачјето, како манастирот и извориштето во Свети Наум, претставуваат значајно одредиште за посетителите.
ФЛОРА
Националниот парк Галичица се одликува со мошне богат и разновиден растителен свет – некаде преку 1000 видови, меѓу кои голем број се реликти и ендеми. Единаесет од нив можат да се сретнат само на оваа планина. Инаку, во останатиот растителен свет се вбројуваат:дивиот костен, грчката елка, дивата леска, питомата и дивата фоја, тисата, шимширот, буката и дабот. На Галичица се присутни неколку типа на ендеми:
-балкански ендеми
-јужнобалкански ендеми
-локални ендеми
ФАУНА
Националниот Парк Галичица се издвојува по исклучителното богатство со видови на фауна и присуствотото на голем број реликтни и ендемични видови. Од копнени полжави во Паркот застапени се 46 видови, а водни полжави во Паркот се забележани во Стењско Блато. Забележано е и присуство на 23 видови на дождовни црви. Членконогите се најбројна група и се застапени со 2.721 видови.
Жаброногите ракчиња во границите на Паркот се застапени со 31 вид. Копеподите во Паркот се претставени со три реда на слатководни копеподи. Вкупно се забележани 28 видови на копеподи, од кои 4 каланоидни копеподи, 22 циклопоидни копеподи и 2 харпактикоидни копеподи. Двопарноногите стоногалки во Паркот се претставени со 12 видови, а еднопарноногите стоногалки се претставени со 14 широко распространети видови. Вкупниот број на досега забележани видови на инсекти е 2.328 видови. Останатите преставници на рбетници се поделени во една суперкласа (риби) и четири класи (водоземци, влечуги, птици и цицачи). Рибите се застапени со 78 видови (од кои 72 се автохтони видови), со центри на разновидност во трите природни езера.
Во границите на Паркот присутни се 10 видови на водоземци. Исто така потврдено е и присуство на 21 вид на влечуги.
Присутни се 293 видови на птици, 65 видови цицачи од кои 5 видови се сметаат за алохтони, додека 6 видови сè уште не се но има голема вероjатност за нивно присуство на територијата на Паркот.
КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО
Национален парк Галичица поседува голем број на споменици со големо историско и уметничко значење кои се една од главните причини за посета на паркот. Спомениците на културата во паркот се карактеризираат со голема разновидност и се делат на неколку групи: археолошки локалитети, цркви, манастири, пештерни цркви и споменици. Еден од спомениците во паркот, кој спаѓа меѓу позначајните, а истовремено е и строго заштитено подрачје, е островот Голем Град. На територијата на паркот регистрирани се спомениците од византиски стил со живопис,од европско значење е црквата “Св. Богородица Заумска“ која датира од 1361година,потоа,црквата “Св.Богородица“ која е од XV век. Од пештерските цркви се среќаваат: Црквата “Св.Богородица“ од XIV век, Црквата “Св.Богородица“, Црквата “Св.стефан потекнува од средината на IX век која е со конзервиран живопис.
Големиот Град, дел од Националниот парк Галичица распослан во водите на Преспанското Езеро, е единствен и пуст остров во Македонија. Островот лежи скриен во езерото, со идеални можности да послужи како збег на луѓето од брегот во повеќе наврати во минатото.Голем Град е едно од најатрактивните места, со остатоци од населби од неолитот, хеленистичкото и римското време, некропола од римскиот период и средновековието, како и со откриените шест цркви од некогаш постојните дванаесет. Се претпоставува дека во античкиот период тука живеело македонското племе Орести, за кое сведочат ископаните гробови на свештеници.На југозападните пештерски карпи се наоѓа глаголски натпис со флоренски крст, како најстар пишан споменик во Преспа.Се претпоставува дека потекнува од времето на просветителската дејност на Св. Климент Охридски (IX век).На островот сега се наоѓаат црквите „Св. Петар“ и „Св. Димитрија“.Голем Град е посебна атракција како резерват од ретки билки. Богат е со растителни и животински видови, од кои некои се ендемски.Островот е дом и за патките, ластовичките, пеликаните. Пеликанот е една од најкрупните птици кои егзистираат на вода. Но, островот има уште едно име. Некои го нарекуваат Змиски Остров, поради вриежот од влекачи, пред сè, змии, кои ги има два вида (поскок и шарка). Во карпите до водата живее змијата белоушка, која не е отровна, а во горниот дел од островот може да се сретне отровната змија поскок.
ОСТРОВОТ ГОЛЕМ ГРАД
Голем Град (Змиски Остров или Св. Петар) е остров во Преспанското Езеро и е најголемиот природен остров во Република Македонија. Искачувањето на островот е можно само на две места, на северозападниот и на југоисточниот крај, каде постојат мали плажи и пукнатини во карпите до кои може да се пристигне со чамец. Островот лежи скриен во езерото, со идеални можности да послужи како збег на луѓето од брегот во повеќе наврати во минатото.
Островот Голем Град се наоѓа на околу 2 км од брегот на езерото (Пречна планина). Има елипсовидна форма со должина 750 m, а широк 450 m, со највисок дел 50 m над езерото. Од сите страни островот е заобиколен со карпи со височина 20 до 30 метри.
Опкружувањето со големата количина на вода, геолошката подлога и близината на медитеранот овозможиле на островот да владее посебна микро клима која е причина за појава на богата и ретко распространета вегетација, во која доминираат јужноевропските флорни елементи. На островот Голем Град според академик Ханс Ем, јасно се издвојуваат две шумски заедници и тоа шумата на дива фоја (Biaro tenuifoliae-Juniperetum excelsae) и шумата на вебиевиот бадем и мазната копривка (Pruno webbii-Celtetum glabrae). Оваа природна реткост со високи карпести рабови (до 30 м.) и специфична клима обилува со разновидни ендемични растенија. Најмногу е застапено шумското растение Фоја (Juniperus ekcelsa) што вирее и на самите карпи и претставува реткост. Заради бавното растење се претпоставува дека најголемите полусуви стебла се постари од илјада години. Таа е распространета во Кавказ, Иран, Либан, Крим, Мала Азија и на Балканскиот Полуостров (во Македонија, Бугарија и Грција). Во Македонија – Вардарска Македонија, на Голем Град, на планината Галичица и на Пречна Планина. Расте 10 – 12 метри височина со пречник на стеблото од 30 – 50 см. На островот има стебла постари од три века.
Откриени се 160 видови папрати и семени растенија на 180 родови и 41 фамилија. 80 од нив се јужно – европски флорен елемент. Медитеранскиот и субмедитеранскиот флорен елемент со својата застапеност се најзначајни за островот. Според биолошките форми најзастапени се терофитите, односно едногодишните растенија. Ретко се сретнува црн габер, Македонски даб и благун.
Овие процеси дополнително го потврдија стадиумот на климакс во кој се наоѓа шумата на дивата фоја, кој ако се продолжи со ваквиот начин на управување неминовно ќе заврши со нејзино изумирање. Голем придонес за ваквата состојба дава и колонијата на корморани кои почнаа да се гнездат по стеблата на фоја во последниве 4 до 5 години. Нивното присуство, особено составот на екскрементумот предизвикува сушење на стеблата на кои се направени гнездата. Во текот на деведесетите години на Преспанското Езеро долетуваа и лебеди. Во јата од 4-8 птици доаѓаа напролет или наесен и се задржуваа по два – три месеци. Во споредба со пеликаните, лебедите се припитомуваат, најмногу преку давање храна. Нивната грациозност ја надминуваше убавината на долгоклунестите пеликани (несити). Пеликанот може да биде третиот елемент на симболите, во името на богатата фауна во овој крај. Пеликанот како една од најкрупните птици кои егзистираат на вода, главно во потоплите краишта, кај нас го има единствено на двете Преспански езера (Големото и Малото), организира секоја година шестмесечен престој (15. Април – 15. Октомври) во јата од над сто птици. Другиот годишен период го минува во јужните предели на земјината топка. Пролетното долетување на овие бели птици со големи клунови не е многу забележливо, но за време на есенската преселба, тие се собираат во јата и по еднодневно кружење над Преспанската котлина, се упатуваат кон своите зимувалишта. Пеликанот не нурка под водата, а само плива на површината. Со силниот инстикт ги открива јатата со риби и штом ќе долета на целта, до него слетуваат јата корморани, кои гонејќи ги рибите со нуркање создаваат симбиоза – заедничка исхрана. Навистина многу интересна појава.
На островот Голем Град има два вида на змии. Во карпите до водата живее змијата белоушка, која не е отровна. Во горниот дел од островот може да се сретне отровната змија поскок. Правени се обиди за нивно уништување со ежови (1949 година) и мунгоси (1967 година), но поголем успех не беше постигнат.
Голем Град е единственото копно во Република Македонија опкружено со вода на кое природните услови во содејство со човековите активности создале уникатна природа. Оваа уникатност и преземените мерки за нејзина заштита, придонеле со текот на времето островот и шумата од фоја на него да добие дури и духовно значење. Голем Град е прогласен за строг природен резерват заради специфичните геоморфолошки карактеристики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато.
На островот на релативно мала површина сконцентрирани се голем број културни историски споменици и природни вредности. Два километри долгиот воден пат од селото Коњско води до оваа природна тврдина, издигната 30 m над езерската вода и со површина од 18 хектари. Денес е ненаселена, но е богата со ендемски растенија, ретки птици, залични заедници на животни, како и објекти, записи и наоди кои зборуваат за долгите векови на населеност на островот.
[su_slider source=”media: 384,383,382″ title=”no” pages=”no”]