Категории на заштитени подрачја согласно Законот за природа се:
1) категорија I:
– I-a – cтрог природен резерват и
– I-б – подрачје на дивина;
2) категорија II – национален парк;
3) категорија III – cпоменик на природата;
4) категорија IV – парк на природата;
5) категорија V – заштитен предел и
6) категорија VI – повеќенаменско подрачје.
Националниот парк е просторно природно подрачје на копно или вода кое опфаќа еден или повеќе сочувани или незначително изменети екосистеми, со особени повеќекратни природни вредности, кое се воспоставува заради заштита на еколошките процеси, како и на видовите и екосистемските карактеристики комплементарни на подрачјето.
Прогласувањето и заштитата на националниот парк обезбедува основа за зачувување на изворното природно и културно богатство.
Националниот парк има еколошка, научно-истражувачка, културна, воспитно-образовна и туристичко-рекреативна намена.“
СУБЈЕКТИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЗАШТИТЕНИТЕ ПОДРАЧЈА
Во актот за прогласување на заштитеното подрачје дефинирани се границите на подрачјето, различните зони и дозволени активности во подрачјето – зона на строга заштита, зона за активно управување, зона на одржливо користење и заштитен појас, како и субјектот номиниран за управување со тоа подрачје.
Со националните паркови управуваат јавни установи формирани од страна на Владата на РМ со Одлука донесена во 2006 година. Заради вршење на работите за управување и заштита на националниот парк Владата на Република Македонија основаше јавна установа – Национален парк, со акт за основање со кој се уредува начинот на вршење на дејноста од јавен интерес, меѓусебните права и обврски на Владата на РМ и јавната установа, правата кои ги има јавната установа, условите во вршење на дејноста и др. Одлука за основање на Јавна установа Национален парк (ЈУНП) „Пелистер“, ЈУНП „Галичица“ и ЈУНП „Маврово“ беше донесе во јануари 2006 година од страна на Владата на РМ врз основа на одредбите од Законот за заштита на природата и Законот за установите.
ПАРКОВИ ОД ДИНАРСКАТА ВЕРИГА
Фондот за дива флора и фауна (WWF) на почетокот на 2012 година започна активности во рамки на проектот “Парковите на Динарската Верига“ со цел создавање на сојуз на паркови на природата и национални паркови во регионот на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Словенија и Србија.
Трите национални паркови од Македонија „Маврово“, „Пелистер“ и „Галичица“ се вклучени во проектот. Проектот е со траење од три години, а финансиран од Министерството за надворешни работи на Норвешка и Фондацијата за зачувување на природата од Швајцарија (MAVA).
Основна цел на овој проект е создавање на мрежа на заштитените подрачја преку поврзување на сите паркови во подрачјето на Динарската верига. Во рамките на овој проект важен сегмент е изградбата на капацитетите за управување, за што се спроведени повеќе обуки.
За повеќе инфо на следниов линк: http://www.parksdinarides.org/mk/