Изглед
Возрасните примероци можат да бидат високи од 90-100 см, а долги од 120-160 см. Тежината им варира во зависност од годишното време и климата во која живеат. Додека во некои подрачја тежината им се движи помеѓу 75 и 115 kg кај мажјаците (нерезите), а кај женките (маториците) околу 75 кг, во повлажните и поладни подрачја мажјаците (нерезите) се тешки и 175 kg па и преку 200 кг, а женките (маториците) и до 150 кг.
Дивата свиња има издолжено сплескана конусовидна глава која завршува со чурило (рило). Предниот дел од телото и е повисок од задниот, грбот и е остар, а телото и градите и се тесни. Ваквата конструкција на телото и овозможува да се провлече и низ најгустиот честак, што заедно со големата брзина ја прави тешко уловлив дивеч. Има малечки очи кои и се длабоко всадени и покриени со густи и долги трепки.
Кај мажјаците, забите – очници се силно развиени и им служат за самоодбрана, а воедно се и најценет трофеј за ловците. Очниците во горната вилица се нарекуваат – брусачи, а во долната – секачи. Овие заби можат да израснат во должина над 25 см. Забите очници се така поставени во вилицата така што долните секачи секогаш се преклопуваат со горните брусачи и на тој начин се оштрат. Правата трофејна вредност очниците кај вепровите ја достигнуваат дури во петтата година.
Дивата свиња има кафејава боја на крзното, така што лесно се вклопува со околината. Кога ќе се опрасат дивите свињи, младите имаат карактеристични надолжни пруги (линии) кои им остануваат до крајот на месецот.
Однесување
Дивата свиња живее во крда составени од женки (маторици) и младенчиња (прасиња). Вака здружени дивите свињи солидарно и жестоко се бранат, поради што волците сосема ретко можат да им нанесат штета. За разлика од нив нерезите живеат осамено и се приклучуваат кон крдата само во периодот на парењето.
Исхрана
Во потрага по храна, дивата свиња мошне често поминува големи растојанија, па така за една вечер може да помине растојание и од околу 40 км. Дивите свињи трчаат исклучително брзо, а истотака се и добри пливачи. Воглавно се задржуваат по ивиците на шумите каде постојат водотеци. Сакаат да се валкаат во калта и на тој начин се освежуваат и се ослободуваат од кожните паразити. За одмор користат брлог, но пред да легнат во него првин извесно време седат. Стануваат на тој начин што прво седнуваат, ја посматраат околината, па дури потоа стануваат.
Според начинот на исхрана спаѓа во сештојади, што значи дека покрај храна од растително потекло ги јадат и животните кои ќе успает да ги фатат, па дури и лешови.
Размножување
Женките стануваат полово зрели со 10 месеци, а мажјаците некој месец покасно, меѓутоа не се парат пред да наполнат 18 месеци, освен ако не дојде до пореметување на природната рамнотежа. Периодот на парење (терање) кај дивата свиња се случува од половината на ноември до почетокот на фебруари. Главната женка ја одбележува територијата на повеќе места и тоа е знак дека сите женки од чопорот ќе бидат во терање за две седмици. Во тој период може да дојде до борби помеѓу мажјаците, после што најсилниот вепар останува со чопорот околу еден месец и за тоа време се пари со сите женки кои се во истиот чопор. После тој период вепарот се враќа на осаменичкиот живот. Женката(маторица) носи 17 недели и раѓа од 4 до 12 прасиња, а најчесто меѓу 5 и 7 младенчиња.
Природни предатори
Кај нас волците се најголеми природни непријатели на дивите свињи. Волците главно се хранат со прасињата, а неретко го напаѓаат и “водачот” на свињите.