Дивокозата е распространета во Европа и Мала Азија. На Европскиот континент живее во високите планини на Пиринејскиот Полуостров, Алпите и Карпатите. Преку Кавказ нејзините живеалишта допираат се до Мала Азија.
Не случајно дивокозата во нашата држава се наоѓа на грбот на националниот парк Маврово. Таа е нашиот најценет автохтон дивеч, по кој нашата држава е позната во пошироки граници. Во Македонија ја има на Шар-Планина, Кораб, Бистра, Стогово, Баба, Караџица и на Јакупица.
Мажјакот се нарекува дивојарец, женката дивокоза, а младенчето јаре.
Дивокозата има силно џбито тело, а особено и се силни нозете. Тоа и дава можност да се качува и по најстрмните литици. Во височина може да израсне до 80 cm. Тежината и се движи 30-35 кг., а силно развиени јарци можат да тежат преку 40 кг. Летните влакна и се бело-жолтеникави до светло костенливи, додека зимските и се темно костенливи до црни. Од муцката преку очите се до ушите, преку обата образа се протега тесна темна пруга, која в лето е костенлива, а в зима темна.
Кај дивокозата, обата пола носат рогови. Роговите претставуваат коскени израстоци на челната коска. Рогот се состои од: рожиште, нерв и рожина. Рожината ја претставува надворешната обвивка на рогот (прав рог).
Бидејќи роговите и растат во текот на целиот живот и бидејќи во зимскиот период, поради недоволна исхрана, роговите растат побавно, на нив се формираат длапки, а потоа веднаш следува здебелување. Овие прстени се формираат секоја година, и се користат за утврдување на возраста на дивокозата. Роговите на мажјаците се свиткани надолу во облик на кука, додека кај женките се поисправени.
Во однос на исхраната, дивокозата не е пребира затоа може така едноставно да опстане во тешките услови на високопланинските подрачја.
Дивокозата живее во стада во кои се собираат женките и подмладокот, додека возрасните јарци живеат осамено. Дури кога ќе почне парењето (месец ноември), мажјаците приоѓаат кон стадата и во текот на целиот ден се речиси во движење. За време на парењето, меѓу мажјазите доаѓаат до жестоки борби, кои понекогаш завршуваат со смрт на еден од партнерите. Женката носи 21 недела. Раѓа едно, а сосема ретко до две јариња, кои ги дои се до пред почетокот на зимскиот период.
Однесување
Дивокозите во лето формираат мали стада. Женките ги дојат јарињата околу 6 месеци истовремено хранејќи се обилно. Во ова годишно време најсакана храна се разните треви и свежи гранки. Есента е време за парење а во зимата со првите врнежи на снег дивокозите ги напуштаат пасиштата и се симнуваат во планинските шуми. Дивокозите добро го поднесуваат студот, а при големи снегови можат да опстанат без храна до две недели. Во ова време од годината тие умираат најмногу од снжени лавини, глад, болести или како жртва на предатори.
Траги
Трагата на дивокозата претставува стапка со две тенки и долги копитчиња со широко растојание меѓу нив. Стапката е долга 5-6cm и широка 3-4cm. При нормално одење копитата се одбележуваат паралелно, а при трчање врвовите се оддалечени и се одбележуваат и задните помали копитчиња