Еленот лопатар или шарениот елен (Dama Dama) и припаѓа на фамилијата Cervidae, подфамилија Cervinae и родот Dama. Тој е распространет речиси низ цела Европа. Негова прататковина е Мала Азија, источното средоземје се до Иран и Ирак, каде и денес можат да се најдат поединечни примероци.
Во III век во времето на римјаните се јавува во провинциите: Иберија, Галија, Германија од каде што е раширен во Англија. Во средниот век овој вид се шири и во други места од Европа.
Во денешно време еленот лопатар е распространет речиси низ цела Европа, особено во Унгарија, Чешка, Словачка, Германија, Бугарија. Него го нема на Исланд, на крајниот север на Европа, во Шведска во Русија, Грција и на поголемиот дел од островите на Средоземно море.
Опис
Должината на телото на еленот лопатар без опаш му е од 90cm до 150cm, додека самиот опаш е долг од 10cm до 23cm. Висината на гребенот му е од 60cm до 100cm. Овие податоци се однесуваат на грла стари над една година. Мажјакот во тежина може да достигне и до 130kg, додека женката е за половина помала. Тежината на телото на лопатарот свој оптимум има меѓу 5-7 година, после што настанува застој односно благо опаѓање.
Бојата на влакното во лето му е костенливо – црвеникава со изразени светли белузлави дамки, поради што го добил името шарен елен. Стомакот и нозете од внатрешната страна се со бела боја. Во зиме бојата на влакното му е темно кафеава до црна. Опашот на горниот дел е темен а долниот дел е со бела боја која не ја менува. Кај еленот лопатар се сретнуваат примероци со изразено бело или црно влакно, оваа појава се нарекува албинизам или меланизам и може да биде делумна или потполна. Албинизмот е наследна особина.
Роговите му се од коскена материја која во горниот дел се проширува во форма на лопата, по што и го добил своето име. Роговите ги носат само мажјаците. Роговите ги отфрлаат секоја година во април и мај, а до половината на септември му се формираат нови. Тие можат да израснат во тежина дури до 14kg.
Утврдување на староста
Најпрецизен начин за определување на староста на еленот лопатар е по анализа на забите, односно од нивната истрошеност, времето на појавата на нови заби или преку нагибот на секачите. Процена на староста исто така може да се изврши и според надворешниот изглед на телото, однесувањето и начинот на живот. Старите елени имаат краток и дебел врат, силно и развиено тело, а главата ја држат рамни и подигнато. Според староста еленот лопатар се дели во старосни категории, па така кај мажјаците има: еленче – 1година, шилаш – стар 2 години, млад елен од 3 до 4 години, среден елен од 5 – 7 години и стар елен од 8 години и повеќе.
Животниот век на еленот лопатар се движи од 20 – 25 години.
Размножување
Еленот лопатар е вид кој за време на парењењето оплодува повеќе женки за чија што наклоност жестоко се бори со другите мажјаци конкуренти. Половата зрелост тој ја достигнува во четвртата година од својот живот. Парењето започнува во октомври и трае до половина на ноември. Кај лопатарите исто како и кај обичните елени се нарекува рика. Времетраењето на риката е околу 20 денови и е во директна зависност од временските прилики во октомври и ноември. Мажјаците рикаат ноќе, наутро и при зајдисонце. Интересно е тоа што лопатарите за време на парењето поминуваат големи растојанија. Забележано е движење над 20km за време на парењето. За време на парењето активноста на лопатарите е непрекината, поради што во овој период тие и речиси да не се хранат или земаат многу мала количина на храна. Поради тоа во овој период тие губат од 10% до 15% од својата тежина.
Одгледување
Елените обично живеат во крда кои ги предводи постар елен. За време на растењето на роговите, постарите елени живеат одделно, за пред самото парење да се придружат на крдата.
Најпогодни за живот на лопатарите се рамни до брановидни терени со надморска височина од 500-600 метри. Посебно се погодни проретчени шуми од даб, багрем и др, каде што доаѓа до израз неговиот многу добар вид, кој е најдобар од сите папкари. Благодарение на географската положба, Македонија има одлични услови за населување и живот на овој дивеч.
Лопатарот е преживар и се храни со растителна храна како што се разновидни тревни маси и грмушести растенија. Поради тоа тој често пасе и ги ретчи листовите на дрвјата и грмушките при што може да причини штети врз одредени видови млади стебла и насади.