Сур орел или златен орел е една од јаголемите дневни грабливи птици. Тој е застапен во нашата држава, во која со согласно Законот за ловство е трајно забранет неговиот лов.
Физички опис
Големината на возрасните златни орли може да биде различна. Единките од некои од најголемите подвидови може да бидат доста големи. Повеќето видови се долги од 66-100cm со распон на крилјата помеѓу 150 и 240cm. Тежината се движи од 2.5 до 6.7 килограми. Но забележани се некои примероци во дивината кои се нешто поголеми дури и до 9кг во тежина должина од 105cm. Како и кај многу други дневни грабливци, и кај златните орли женките се поголеми од мажјаците.
Бојата на пердувите може да биде црвенокафеава и темнокафеава, со златна боја на задниот дел од главата и вратот, по што го добил името. На горните делови на крилјата постои нешто посветла површина.
Младенчињата многу личат на возрасните единки, но поседуваат бел опаш и бели дамко во близина на ножниот зглоб кои полека исчезнуваат со секое митарење и на крајот во петтата година , потполно ги снемува.
Женката може да достигне тежина и до 6кг а мажјаците и до 4.5кг. Златниот орел живее на различни места, најмногу на планинските масиви без густа вегетација, а животниот век на Суриот орел може да трае и до 50 години.
Исхрана
Се храни со зајаци, глувци, мрмоти, куни, лисици и желки но често и со мрши. Можат да јадат и други птици, а некогаш и стока како јагниња и јариња. Во текот на зимата имаат проблем со пронаоѓањето на храна па јадат остатоци(мрши) за да се прехранат. Кога ќе ја снема храната, ќе се обидат да нападнат утки, соколовидни птици и ждери. Постојат записи според кои овие птици јаделе и јастреби и бувови.
Имаат многу добар вид и можат да го забележат пленот од големи далечини. Поседуваат дури 8 пати поголема острина од видот на луѓето. Канџите ги користат за убивање и носење на пленот, а клунот само за јадење. Обично напѓаат во пар и имаат поделба на работата во текот на ловот, еден сур орел го тера пленот кон друг сур орел кој чека во заседа.
Размножување
Златните орли обично остануваат со истиот партнер во текот на целиот живот. Градат по неколку гнезда ширум нивната територија и ги користат за неколку години. Гнездата се состојат од гранчиња и трева која се наоѓа одозгора. Тие можат да достигнат 2 метри во пречник и 1 метар во висина, а орлите ги поправаат секојпат кога нешто им фали и на овој начин низ времето се зголемуваат.
Женките полагаат две црни јајца меѓу јануари и септември. Лежењето на јајцата почнува веднаш штом се снесе првото јајце а пилињата се испилуваат по 45 дена. Тие се потполно бели а родителите ги хранат околу 60 дена пред да се обидат да летаат и да ловат. Обично преживува само постарото младенче додека второто умира пред да го напушти гнездото. Причината за таа појава е во тоа што второто младенче нараснува повеќе и се изборува за повеќе храна во гнездото. Родителите вложуваат многу голем труд во одгледување на младите и ако тие преживеат неколку години голема е веројатноста дека ќе доживеат старост. Меѓутоа смртноста кај штотуку испилените е голема, па голем број од нив угинува во првите неколку недели.